17.10.2018 г.
Овој каталог произлезе како резултат од систематските ископувања на локалитетот Мали Дол во селото Тремник кај Неготино, кои се изведуваа во периодот од 2009 до 2018 година, во соработка помеѓу Археолошкиот музеј на Македонија, Скопје (во еден дел од истражувањата Музеј на Македонија – Скопје) со Музеј на град Неготино и Филозофски факултет, Институт за историја на уметност и археологија, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во овој момент можеме да зборуваме за вреднувањето на археолошкиот локалитет Мали Дол како нов и мошне значаен пункт по долината на Вардар на крајот на бронзеното време. Погребувањата на покојниците со припадност на групата Уланци се сведоштво за крајот на една заедница која живеела по средното течение на Вардар, со свои специфични културни и етнички белези. Од друга страна, погребувањата на покојници со различен погребен ритуал – кремации во урни, зборува за присуството на ново население кое доаѓа од север, со нови и различни социјални и културни белези. Сликата која преку Мали Дол ја добивме за крајот на XII и почетокот на XI век п.н.е., за едно турбулентно време на миграциски движења од север кон југ, е мошне значајна за праисториската археологија. Топографијата, стратиграфијата, хронологијата и културните вредности на оваа некропола ја позиционираат како неодминлива на патот кон микенските центри.