Во досегашниот развој ова одделение покажува особен интерес кон истражувањето, проучувањето, собирањето и презентирањето на богатото културно наследство од неготинскиот регион. Во етнолошкиот оддел е претставена материјалната и духовната култура на населбите во Општина Неготино и градот Неготино, преку многубројни народни носии, предмети кои се користеле во домаќинството и земјоделската култура застапена во овој регион кои што датираат од почетокот 18 па се до крајот на 20 век. Тука спаѓаат, од кои дел се изложени, разни ѓумови, тепсии, котлиња, ѓумчиња, роден, софра, сорчиња, лејка, врчви, стомни, аван, триножни столчиња, машина за шиење, ќилими, ткаеници и многу други етнолошки предмети. Тие се изработени од текстил, дрво, керамика, метал, бакар, стакло.
Предметите се набавени по пат на истражување, подарок или набавени од напуштени куќи во селските населби. Истите се сопственост на ОУ Музеј на град Неготино. Музејските етнолошки предмети се валоризирани како општа збирка на етнолошки предмети и дел од нив се изложени во етнолошката музејска поставка која што предизвикува големо внимание кај целокупната јавност посебно кај најмладите.
Винската традиција која потекнува и е позната уште од древни времиња во регионот во општина Неготино, е сконцетрирана во просториите на етнолошката поставка во Музеј на град Неготино, која како установа од областа на културата, ја презентира и пренесува на посетителите односно ја интерпретира на населението кое доаѓа и се запознава со винската традиција и културното наследство во оваа општина. Голем празник на градот кој што е поврзан со винарството е Св.Трифун, кој што се смета за патрон на градот и се слави на 14 февруари секоја година кога и започнуваат закројувањата на лозјата. Во музејот се претставени многубројни предмети кои ја претставуваат оваа традиција и се составен дел од обичаите и ритуали. Бидејќи Неготино е познат винарски регион, секое домаќинство а посебно многубројните винарии го слават овој празник со многу почести кон патронот.