Првите активности на ОУ Музеј на град Неготино од областа на археологијата се врзуваат веднаш по неговото основање. Првите никулци од областа на археологијата датираат од 1979 година, кога се склучува првиот договор за рекогносцирање и изработка на Археолошка карта на општина Неготино, потпишан од Киро Андонов, тогашен претстедател на ОСИЗ за култура на општина Неготино и Драги Тозија, директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците. Во наредните неколку години се до 1989 се прават програми за превентивна заштита и интервенција на повеќе археолошки локалитети во општина Неготино и тоа од страна на археологот д-р Живоин Винчиќ, кој што истите ги реализира со средства од општината и од Министерството за култура на РМ. Од самото формирање на музејот па се до 1989 година, археолошката збирка на предмети се создава и зголемува најмногу со површинско откривање на предмети како и со откривање и подарување на археолошки предмети изработени од керамика, метал и камени надгробни плочи, кои што поединци од општината случајно ги наоѓаат при обавување на земјоделските работи а најчесто при орање на нивите.

Почнувајќи од деведесеттите години од минатиот XX век првите археолошки ископувања ги работи кустос-советник археолог Киро Ангеловски, вработен и директор на општинската установа Музеј на град Неготино, кога започнува и зголемувањето на археолошкиот фонд на предмети кои што датираат од праисторијата и антиката. Неговата активност на полето на археологијата е значајна за музејот и трае се до неговото пензионирање во 2011 година. Археолошки ископувања на локалитетите во општина Неготино се раководени и од други стручни лица-археолози од соодветни институции и професори од Филозофскиот Факултет, кои предаваат на катедрата за aрхеологија при универзитетот “Св.Кирил и Методи“ од Скопје. Секако проф.д-р Елица Манева остави голем белег со своето археолошко истражување и воедно одбрана на докторска дисертација, со објава на книгата “Крстеви“ која што се однесува на локалитетот од средновековниот период “Крстеви“ с.Пепелиште. Археологот м-р Горан Санев, вработен во НУ Археолошки Музеј на Македонија во Скопје како виш кустос, активно работи како раководител на меѓународен проект на археолошкиот локалитет “Градиште-Антигонеа“ – Неготино, заедно со професорот Ник Секунда од Универзитетот од Гдањск, Полска. Овој меѓународен проект е започнат од 2009 година со подршка од Министертвото за култура на РМ и Универзитетот од Гдањск-Полска. Од тогаш секоја наредна година мошне активно се вршат археолошки ископувања со учество на студенти од Филозофскиот факултет од Скопје и Универзитетот од Гдањск-Полска. Исто така солидни археолошки истражувања на локалитетите “Чаир Рид“ – Градиште и “Јака чешма“ с. Тремник, општина Неготино се вршени и од страна на доцент проф.д-р Марјан Јованов и проф.д-р Антонио Јакимовски од Филозофскиот Факултет, отсек археологија. Проф.д-р Дафина Георгиевска има вршено археолошко ископување на археолошки локалитет од античкиот период “Бела Земја“ Трнче, с.Пепелиште. Александра Папазова, доктор по археолошки науки и кустос советник од НУ Археолошки музеј на Македонија, археолошките ископувања на локалитетот “Мали дол“ с.Тремник ги започнува од ......... год.

Познати археолошки локалитети во општина Неготино се: “Мали дол“-с.Тремник, “Градиште-Антигонеа“-Неготино, “Чаир Рид“-с.Тремник, “Орманков гроб“- с.Тремник, “Градиште“-с.Војшанци, “Попот“-с.Прждево, “Градот“-с.Горни Дисан, “Бела земја“-с.Пепелиште, “Трнче-Стреа“-с.Пепелиште и други помали локалитети.


ЗЛАТНИОТ НАОД ОД “ОРМАНКОВ ГРОБ“ С.ТРЕМНИК

Еден од екслузивните археолошки наоди пронајдени со археолошко истражување под раководство на стручен тим од ОУ Музеј на град Неготино, од 2008 година на локалитетот “Орманков гроб“ с.Тремник, е златниот наод кој потекнува од античкиот период од IV – III век п.н.е. Вупната тежина на овие предмети изнесува околу од 1 кгр. богато со 22% каратно злато. Се претпоставува дека припаѓал на истакнат војник-офицер по потекло Пајон од Антигонеа, кој сигурно бил во војската на Александар Македонски додека војувал во Азија, и по враќањето го носи сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан.

Ексклузивниот златен комплет како збирен наод кој датира од IV-III век п.н.е. претставува еден од најзначајните и најрепрезентативните наоди од овој вид од времето на почетоците на македонско-хеленистичкиот период на територијата на Р.Македонија. Ова извонредно културно богатство беше презентирано во престижниот национален "Keltten-Romer Museum" во Манхинг, Германија, заедно со златната маска од Охрид и како составен дел од изложбата со наслов “Златното лице на непознатиот крал“, проект кој се реализираше со подршка на Комисијата за образование, аудиовизуелност и култура при ЕУ во рамките на проектот "Clash of cultures" (Судир на култури).

Овој златен наод се чуваше во ОУ Музеј на град Неготино од 2008 г. до јуни 2014 г., кога потоа по барање на Министерството за култура на РМ беа дадени на реверс во Н.У. Археолошки музеј во Скопје за времетраење од 5 години Денес тие се изложени во Н.У. Археолошки музеј во Скопје пред пошироката домашна и меѓународна јавност.

     


АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ “ГРАДИШТЕ – АНТИГОНЕА“, НЕГОТИНО

Археолошкиот локалитет “Градиште-Антигонеа“- Неготино се наоѓа на северниот влез на градот Неготино, на висок рид, со стратешка позиција која доминира во Неготинската котлина. Археолошките истражувања во изминатите четириесетина години покажале дека зарамнетото плато на ридот било населено во континуитет од праисторијата (железно време), па се до римскиот период, кога населението постепено почнува да се сели кон просторот на кој денес се наоѓа градот Неготино. Во времето на раната антика населбата на ридот Градиште се урбанизира и пререаснува во развиен центар, со бедеми кои заградуваат простор од околу 3,5 хектари. Се претпоставува дека една од најразвиените стопански дејност на градот било производството на керамички садови. Во прилог на оваа претпоставка одат повеќе аргументи, меѓу кои се откривањето на печки за керамика и садови во подножјето на ридот, откривањето на голем број калапи за садови, за теракотни фигурини, светилки, уникатни печати на керамичките производи, но секако задоволен е и најважниот предуслов – во непосредна близина на локалитетот постои наоѓалиште на квалитетна глина која се експлоатира и денес.

Меѓу теориите за идентификација на овој град најпопуларна е онаа дека станува збор за градот Антигонеја, основан од македонскиот крал Антигон Гонат, во 3 век п.н.е.. Во основата на оваа теорија е податокот изваден од најважниот извор за античката географија – картата на Табула Пеунтигеријана, на која “Антигонеја на Аксиос“ е лоцирана на 12 римски милји јужно од Стоби и 11 милји северно од Стенае (Демир Капија). Должините потполно соодветсвуваат на локалитетот Градиште – Неготино.

Значи од досегашното сознание “Градиште – Антигонеја“ е раноантичка населба која има хронологија, засега утврдена од 5-4 век п.н.е до 1-2 век од н.е., иако на самото Градиште се среќаваат и остатоци од доцната антика. Градот интензивно живеел низ овие векови, додека за доцно-античкиот период археолозите се уште немаат податоци, со исклучок на неколку објекти и бедемот. Со досегашните истражувања на овој локалитет се пронајдени голем број на археолошки наоди, претжно од керамика, метал и стакло. Станува збор за керамички садови од кои поголемиот дел можат да се реконструираат. Тоа се теракотни фигури со претстави на кибела, хеленистичка локална и импортирана керамика и кујнска керамика, потоа метален накит, орудија и оружје, стаклени предмети и друго. На локалитетот при истражувањата се пронајдени и над 100 монети, кои се конзервирани и заштитени.

Се откриваат и калапи за керамички светилки, но и на примероци на светилки извадени од истите калапи остатоци и од калапи за изработка на теракотни фигурини. Aнтичкиот локалитет “Градиште-Антигонеа” е особено важен за општина Неготино од повеќе аспекти, односно како од аспект на мошне значајно културно - историско наследство, така и од туристички аспект, како дестинација која се наоѓа во близина градот Неготино и автопатот Скопје - Солун. Истражувачките работи на овој локалитет се започнати во 2008 година со финансиска поддршка на ресорното Министерство за култира и Локалната Самоуправа на Општина Неготино.