Во витрината што се наоѓа во средишниот простор на археолошката поставка се изложени монети од нумизматичката збирка на ОУ Музеј на град Неготино кои датираат од античкиот и средновековниот период. Нумизматичката збирка, во Музеј на град Неготино формирана e 2004 година и таа денес е дел од постојаната археолошка поставка. Целта на нејзиното формирање е да го зачува културното наследство во доменот на монетарната размена, во поширокиот регион на Општина Неготино. Составена е од 250 монети од кои поголемиот дел се бронза, а останатите се бакарни, сребрени и неколку златни монети. Нејзината содржина во неколку тематски и хронолошки целини ни ја претставува циркулацијата на монетите на подрачјето на Општина Неготино како дел од монетарниот систем во средновардарскиот регион во антиката и среден век, односно од 4 век п.н.е. до 14 век н.е.
Ваквата континуирана присутност на монетите на просторот во долг временски период зборува за развиен паричен систем во регионот. Ова секако се должи на развиеното стопанство условено од добрата местоположба на општината на античката патна сообраќајница по вардарската долина, по која се одвиваат значајните трговски врски и се чувствуваат струењата на културните вредности и достигнувања на другите културни центри (цивилизираниот свет).