14.07.2016 г.
Етнологијата во Музеј на град Неготино е присутна уште од основањето на музејот. Од тогаш па се до денес е во континуиран развој проследена со збогатување на етнолошкиот фонд на предмети, фотографии, записи на обичаи, традиции кои се сведок на животот на населението во општина Неготино. Етнологот во Музеј на град Неготино во периодот на повеќедецениското работење успеа да ги документира минатото и сегашноста преку научно-етнолошки истражувања, забележување, чување и презентирање на етнолошките предмети. Сочуваниот и презентираниот материјал во изложбениот простор на Музеј на град Неготино на традиционалните предмети од 18 до 20 век се мал дел од богатото народно творештво кои сведочат за раскошното етнолошки културно наследство во населените места во општина Неготино. Тие претставуваат значаен симбол на културниот идентитет на одредена потесна или поширока културна заедница.
Етнолошката музејска поставка се наоѓа на вториот спрат во Музеј на град Неготино на простор со површина од 300 м2. Тука се презентирани околу 200 етнолошки предмети како што се: народни носии, ткаеници, народни ќилими, предмети и садови изработени од керамика, дрво и метал кои што се употребувале во домаќинството и за изведување на земјоделски работи како што се бардаци, врчви, тави, калници, софра, триножни столчиња, роден, фурка, вретено, букаре, сафи, берачи, режачи, токмак, пиралки, делови од разбој, гребула, буриња за вино и многу други етнолошки предмети, преку кои што посетителот ќе се запознае со дел од обичаите и традицијата како културно наследство во овој регион.