На денешен ден 18 јануари 1918 година во Неготино е роден АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВ РИСТОВ-АПАРАТЧЕТО. Татко му починал на негова една и пол годишна возраст и остава зад себе пет сирачиња. Александар-Цандо го завршува основното училиште во Неготино и уште млад започнува да го заработува лебот со берење дрва и со работа како аргат. Прекарот "Апаратче" го добива од другарите поради неговото хоби да се занимава со изработување на разни технички направи-апарати. Во априлската војна е заробен од Германците и одведен во логор во Германија. По неколку месеци се враќа во Неготино и учествува во собирањето оружје и друг воен материјал за организацијата на КПЈ во Неготино. Во втората половина на 1943 година е примен за член на СКОЈ. Оттогаш Цандо добива доверливи задачи; разведува и чува илегалци и воен материјал. Во неговиот дом во 1943 година меѓу многуте илегалци престојува и членот на Околискиот комитет на Тиквеш, Стефан Јосифовски-Феткин од Кавадарци, кој на Цандо му поставува задачи за работа со младината. По формирањето на партизанскиот одред "Добри Даскалов", Цандо е ставен да ја продолжи активноста во градот Неготино. До летото 1944 година Цандо е неуморен; одржува врски со партизанските единици во Тиквешко, прифаќа, чува и испраќа илегалци и нови партизани, разнесува летоци. На 17 јули 1944 година Цандо заедно со Киро Тошев, тргнува кон базата на Втората бригада на Кожуф. На патот кон Радња тие го сретнуваат баталјонот на II бригада кој тргнал на пат преку Вардар кон Плачковица. Во овој баталјон има многу негови другари од Неготино и Цандо тргнува заедно со нив кон Плачковица. Неговиот очув, кој дотогаш веќе испратил три сина во војска, се исплашил кога разбрал дека Цандо заминал од дома и по 2 дена умира. По формирањето на IV македонска бригада, два нејзини баталјона заминуваат кон манастирот Прохор Пчински за обезбедување на Првото заседание на АСНОМ. Во еден од нив е и Цандо од Неготино. По заседанието на АСНОМ, баталјоните се враќаат на Плачковица. Во првата борба на Плачковица, на 14 август 1944 година, Цандо покажува ретка храброст и пожртвуваност. По два дена, на 16 август 1944 година, на врвот Лисец, IV бригада води борба со околу 800 непријателски војници. Цандо е бестрашен: стрела со пушкомитралез и ја брани позицијата врз која се напаѓа во бранови. Шестчасовната борба се разгорува и трае до предвечерието. Тогаш Цандо е погоден со куршум во главата и паѓа мртов. Храбриот илегалец и пушкомитралезец не ја дочекува слободата. Падна херојски меѓу високите букови дрвја на Плачковица.