НА ДЕНЕШЕН ДЕН 15 ОКТОМВРИ 1915 година во Неготино е роден ТОДОР ГЛИГОРОВ ГЕЧЕВ-ПЕКАРЕВ. Во Неготино сите знаеле: кога Тодораќо (како што го викале неготинчани) нешто ќе подели, тоа било справедливо и измерено поточно отколку на кантар. Мајка му и татко му на таква чесност го учеле уште од мал, кога го воделе по туѓи лозја, по туѓи афиони и по туѓи житја да работат за да спечалат за леб и гола живеачка. Иако надарен за учење, ниту тој ниту неговите родители, можеле да помислат да го пратат на понатамошно школување од основното училиште. Тодораќо подоцна се обидува да учи занает кај Ќиро Фурнаџијата, но од продавање ѓевреци не можело многу да се спечали. Умирачката на татко му сосема ја определува иднината на тринаесетгодишмиот Тодораќо: да работи како аргат, за да ги прехрани мајка си и помалата сестра со своите две раце и својата пот. Машки копа и рила туѓи лозја и никогаш не стоел долго на аргатското мовче насред Неготино, зашто сите го бараат него, чесниот работник Тодораќо. Кога потпораснува во почетокот на формирањето на КПЈ во Неготино, во 1940 година, Тодораќо е еден од шесте членови на првата партиска ќелија, а во почетокот на 1941 година се наоѓа меѓу шестемина членови на Првиот Местен комитет на КПЈ во Неготино. Неговата куќа, иако мала, секогаш е отворена за илегални состаноци. Во неа секретарот на ПК на КП за Македонија, Лазар Колишевски одржува состанок со воената комисија, формирана од МК. На 10 мај 1943 година, кога неговата другарка е бремена, Тодораќо заминува со првите партизани. Во првиот строј на партизанскиот одред “Добри Даскалов“, Тодораќо го добива партизанското име “Пекарев“ и е поставен за интендант на одредот. Во најтешките моменти на одредот, во мај-јуни 1943 година, Пекарев го снабдува одредот со леб, а со пушката оди и во извидница и стои на стража. Во септември 1943 година, додека е Пекарев во баталјонот “Страшо Пинџур“, го плиснува радосен бран, му се родила ќерка. Збрчканото костенливо лице го огрева сонце. Сите непроспиени ноќи, блокади, и заседи на партизанскиот одред “Добри Даскалов“ во Тиквешко се и негови. Сите борби и акции на првиот тиквешки баталјон “Страшо Пинџур“ и целиот борбен пат на Втората бригада се и негови борбени патишта. Во нив Пекарев е политички раководител, а на формирањето на XI бригада тој е партиски раководител и заменик на политички комесар на бригадата. Во септември 1944 година неговата бригада го ослободува Кавадарци и завзема позиција кон Неготино. Пекарев не може да се спротивстави на човечкиот инстинкт: порачува да му ја донесат ќерката. Набргу тоа едногодишно дете е во неговите раце и тој долго го гледа и го крева високо. На 28 октомври 1944 година, бригадата на Пекарев завзема позиција на реонот на с.Крстец пред Плетвар и во зорите на 29 октомври 1944 година, врши силен јуриш на германските колони oд пешадија и борни коли, кои се движат на патот кон Градско. Одненадеж други германски едници што идат од Прилеп, позициите на бригадата ги опсипуваат со гранати од минофрлачи. Во непосредна близина на Пекарев треснува граната и парче од неа се закопува во вратот на Пекарев. Пекарев е мртов. Слободата задоцнува за три дена, токму толку, колку да не стигне да се врати дома-жив. Денес во слободно Неготино, во негова чест, улица во центарот на градот го носи неговото партизанско име - ПЕКАРЕВ! ВЕЧНА МУ СЛАВА!