НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 25 септември 1915 година во Неготино, е роден ПАНО ЗАРОВ КАЛАЈЏИЕВ! Роден во вриежот на настаните што ја означуваа Првата светска војна, Пано го памети детството по раностанувањата на аргатскиот живот негов и на неговиот постар брат Лазо. Зашто по смртта на татко им тие се принудени сами да го заработуваат лебот. Во предвечерјето на Втората светска војна Пано е веќе идеолошки и политички зрел и се наоѓа во редовите на напредните младинци со антиексплоататорска борбена животна ориентација. Со својата скромност, другарство и несебичност во помагањето на болниот, слабиот и сиромашниот другар, Пано ја пленува својата средина. Примањето за член на КП во 1941 година , Пано го сфаќа како признавање на неговиот дотогашен скромен придонес во ширењето на напредни идеи, но и како обврска за идниот негов борбен животен пат. Во септември 1941 година Пано го обезбедува состанокот на МК во Неготино на кој присуствува секретарот на ПК на КПЈ за Македонија, Лазар Колишевски.Во историскиот период за овој крај во месец мај 1943 година, Пано е активно вклучен во подготовките за испраќање на првите партизани од Неготино. Тогаш на својот брат Лазо и на сите другари им посакува среќен пат и скоро видување. На крајот на јули 1944 година Пано е во редовите на Втората македонска НО бригада, а при формирањето на 41-та југословенска дивизија тој е назначен за политички комесар на четата во IX бригада. По успешните борби во реонот на Гевгелија, Кавадарци и Прилепско, неговата бригада вечерта на 07 септември 1944 година триумфално влегува во Неготино, каде што е пречекана со невидено воодеушевување и гостопримство од храбрите негови неготинчани. Истата ноќ по полноќ, IX бригада врши силен напад на германските позиции и блиндирани возови на поголем простор во реонот на железничката станица во Неготино. Четата на Пано напаѓа од десната страна кон манастирот, а кога четата го поминува патот, паѓаат и првите жртви. Кога осамнува одненадеж од посока на Демир Капија, пристигнува германска моторетка и се втурнува во борбениот распоред на бригадата. Моторетката всушност била претходница на поголема моторизирана Германска единица. Пано тоа го забележува, а забележува и дека борбите на другото крило ослабнуваат. Тогаш наредува веднаш повлекување на борците, но Германците веќе се креваат од своите окопи и тргнуваат на патот кон Неготино, каде во еден момент од многуте рафали насочени кон Пановата чета го погодува и Пано паѓа како покосен. Згаснува животот на Пано Заров Калајџиев бранејќи ја слободата на својот роден град Неготино на 08 септември 1944 година.