Во тек се годинашниве археолошки истражувања кои се реализираат од страна на стручен тим составен од археолози, професори и студенти и тоа од НУ Археолошки Музеј и Универзитетот Гдањск од Полска, а партнер во овој меѓународен проект е и Општинската установа Музеј на град Неготино. „Градиште – Антигонеа" е раноантичка населба која има хронологија, засега утврдена од 5-4 век п.н.е. до 1-2 век од н.е., иако на самото Градиште се среќаваат и остатоци од доцната антика. Градот интензивно живеел низ овие векови, додека за доцно-античкиот период археолозите се уште немаат податоци, со исклучок на неколку објекти и бедемот. Оваа година истражувањата се одвиваат во северниот дел на локалитетот на акрополата во сектор D/5 и квадратите од 1-8, т.е. во сондите во кои се истражуваше во претходните две години. Од истражувањата од оваа година пронајдени се 14 монети, глава од теракота, бронзена алка, керамички печат, метална пиксида, дел од столб, многу фрагменти керамика меѓу кои и луксузни парчиња од tera sigillata, како и керамика со втиснати печати со флорална декорација и птичји мотиви, тегови и слично. Во последниве три години на истражување во квадратите од 1-8 се пронајдени (6) шест печки и (4) четири мелници кои укажуваат дека тука можеби постоела пекарска работилница. Исто така, треба да се истакне дека пронајдените елементи камена пластика (столбови, капители) припаѓаат на постара фаза, т.е. се од хеленистички период и секундарно се употребени во римскиот период при градење на објектите. Овие денови привршуваат овие археолошки истражувања на локалитетот „Градиште" и се работи на целосно дефинирање на ситуациите и квадратите се припремаат за документирање.