НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 01.08.1911 година е роден ИЛО ВИЛАРОВ - СОКОЛ во Неготино. Намачен и најчесто гладен, како и целото негово семејство, Ило е убеден дека неговиот живот, како и животот на другите, не може да биде подобар додека во Неготино и во цела Македонија царува туѓа власт. Тој создава пријатели меѓу напредните младинци во градот, а од 1941 г. е наполно свесен и определен против секаков окупатор и истата година е примен за член на КПЈ. Кон крајот на 1942 г. е кооптиран за член на МК на КПЈ во Неготино, а набргу потоа, во својата куќа од соба во кујна, покрај шестчленото семејство, чува и двајца партизани од Србија. Во малата колона на првите неготинчани доброволци, која на 10 мај тргна кон Вишешница за формирање на партизанскиот одред, чекори и Ило. На тргнување само на својата другарка и' рекол збогум и ги бакнал двете дечиња - едното на две, а другото на четири години. На првиот строј на партизанскиот одред "Добри Даскалов" на Вишешница, на 14 мај 1943 г., Ило е командир на една од двете чети на Одредот. Неговите воени квалитети, како решителен, строг и храбар борец и добар познавач на оружјето им биле познати на сите. Тој храбро ја води четата во првите борбени редови во акциите во Гарниково, Драгожел и Бојанчиште на 18 мај 1943 година. По петнаесет дена движење, по петнаесет деноноќија, тој чувствува болки во стомакот. Се разболуваат уште двајца од Одредот - Димката Ангелов - Габерот и Пано Мударов - Фрањо, па Штабот на Одредот решава на сите тројца да им се обезбеди сигурно место за престој и снабдување со храна во реонот во с.Галиште. По неколку дена Штабот го испраќа и Јован Радњански - Планински да ги доведе поблиску до Кавадарци, за да може да им се помогне со лекови. На 10 јуни 1943 година болните и Планински тргнуваат од една пештера кај Галиште кон Кавадарци. Движејќи се денски по патот, по левата страна на р.Црна Река, на еден свиок кај Клинска Леса одненадеж ги пречекува дожд од куршуми и рафали од пушкомитралези. Ило и Пано веднаш паѓаат мртви. Веста за смртта на храбриот партизански командир Сокол набргу ги смрачува од жал сите што го познаваа борецот за слобода и правда - ИЛО ВИЛАРОВ! Денес месноста каде што се граничат кавадаречката и неготинската општина е позната како ИЛО ВИЛАРОВ!