НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 12 Јуни 1909 година, е роден ПЕРО СТАВРОВ во Неготино. Перо и неговата помала сестричка уште мали остануваат без мајка. Татко им Ставро бил принуден синот уште од мал да го води со себе за да му помага во ѕидарскиот занает и во аргатувањето по туѓите имоти. По отслужувањето на воениот рок, тој се жени и добива три дечиња. За да го даде својот придонес во оружената борба за слобода на својот народ, Перо решава да оди во НОВ. Откако ги бакнал своите три дечиња, на 02 септември 1944 година се упатува кон Витачево. Веднаш го распредуваат во XI бригада. Во борбите што ги води бригадата, Перо е примерен борец и другар. Во победоносниот марш во октомври 1944 година, XI бригада доаѓа во Неготино и без да се задржува го продолжува патот кон Стоби, со цел да го заштитат мостот на Црна Река. Во утринските часови на 07 октомври 1944 година, неговата XI бригада врши силен јуриш на моторизирани германски колони во реонот на Стоби. Во таа борба Перо е тешко ранет и во безсвесна состојба го носат во партизанска болница во Ваташа. Но смртоносната рана му го прекратува животот на храбриот Перо на 07 октомври 1944 година.