На 19 јуни 2019 година (среда) во Музеј на град Неготино во 20.00 часот се отвори Изложба на фотографии од традиционални средини и народни носии од германскиот фотограф Курт Хилшер (Kurt Hielscher: 1881-1948) кој што е автор на илјадници фотографии направени во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. Во изложбениот салон на музејот беа поставени 21 фотографии на кои се претставени традиционални средини и народни носии од Скопје, Охрид, Ново Село-Штип. Велес, Кратово, Демир Капија од 1926 година. Овие фотографии за прв пат биле издадени во книгата на фотографии од Курт Хилшер насловена како “Yugoslavien“. За идејата за реализација на оваа изложба пред присутните говореше Владимир Јаневски, проф.д-р по етнолошки науки при Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип, кој што кажа дека оваа изложба се претставува низ повеќе градови во земјава, беше во Скопје во НУ Музеј на македонската борба, во Гевгелија, вечерва е во Неготино, а за време на Охридско лето ќе биде поставена во Охрид. Настанот беше збогатен со изведба на пијано од страна на Трајче Станков, со прекрасната “Јовано, Јованке“ и разнежнети со соната од Шопен, за што Трајче доби овации и голем аплауз. Како големи љубители на македонскиот фолклор беа присутни и гости од Холандија и Белгија, кои беа воодушевени од изложбата, музејот и воопшто од Неготино. Прекрасен настан исполнет со емоции, традиции, минато, кој што продолжи со прекрасни песни и ора!!!