НА ДЕНЕШЕН ДЕН - 16 јуни 1943 година во Неготино е убиен МАНЧО ПАНОВ МАЛИМИНОВ. Роден на 10 февруари 1914 година во Неготино, Манчо израснува во здрав и силен младинец, кој смело тргна да бара работа и да изучи занает. Најпрво оди во Велес каде што работи како монополски работник, а потоа во Белград како работник во една слаткарска работилница. Не можејќи да опстане поради тешките услови за живот, набргу се враќа дома, во Неготино, каде што почнува да го зработува лебот кај еден кондураџија. Неговиот татко, Пано, му раскажувал за старите македонски револуционери и за тоа како го придржувал Дамјан Груев при неговото доаѓање преку Копришница во Неготино во 1896 година. Знаеше дека татко му, за да се спаси од Турците, избегал од Прждево и дошол во Неготино. Манчо мошне рано го чувствува мачниот живот со одење во Мушанци и Војшанци да бере афион и да сади багреми, секогаш готов да се жртвува и да го заштити онеправдениот и да му помогне на несреќниот. На многумина кондурите им ги поправа без пари. Младиот Манчо, со својата духовитост, искреност и човечност лесно создава другарски контакти со луѓето од редовите на занаетчиите, трговците а како страствен и активен фудбалер и во редовите на спортистите од друштвото “Тиквеш“. Првиот јавен револуционерен настап на дваесетчетиригодишниот Манчо е на еден предизборен собир, во ноември 1938 година, во кафеаната “Југославија“, организиран од напредните сили во Неготино, заради кое утредента е приведен во жандармериската станица. Есента 1940 година тој се враќа од отслужување на воениот рок во Вараждин и набргу се жени за да во мај 1941 година, му се роди син за време на организираниот првомајски излет. 03 Мај 1941 година, Манчо е избран за член на првиот местен комитет на КПЈ во Неготино. Во средината на април 1943 година, Манчо е прв на списокот за излегување во партизани. Но, Манчо ненадејно се разболува и по извршената операција во Скопје тој се враќа во Неготино. Пробувајќи да стапи во контакт со партизанскиот одред неговото здравје повторно се влошува и ноќта на 14/15 јуни 1943 година се враќа дома. Полицијата настојчиво го бара за вечерта бугарските окупатори да организираат блокада на градот Неготино. На 16 јуни 1943 година Неготино осамнува обколено од војници и полицајци. Една група од нив се упатува кон куќата на Манчо за да изврши претрес. Увидувајќи дека ќе биде откриен, а за да им ја олесни положбата на домашните, Манчо се јавува и слегува во дворот. Со капата в рака и крената глава, спокоен и горд, Манчо чекори кон полицискиот участок. Убедени дека фатиле еден од организаторите на Комунистичката партија во Неготино, бугарските фашисти го измачуваат Манчо со надеж дека ќе открие многу негови соработници. Но, Манчо е нем за нивните прашања и тие продолжуваат да го измачуваат со нечовечки методи со кои што го згаснуваат еден живот кој живеел за идеалите и слободата на својот измачен народ. Денес во Неготино е подигнат споменик во чест на Манчо Панов Малиминов. СЛАВА МУ!