НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 10 Јуни 1943 година е загинат ДУШАН ЈУРУКОВ-МАЛАШЕВ, роден 15 Март 1923 година во Неготино. Душан уште мал останува без татко и затоа на 7 годишна возраст, наместо в училиште, заедно со мајка му работи како аргат по туѓи ниви колку да извади за леб. Работи со срп, со лопата и со мотика. Подоцна како момче, дружејќи се со напредни младинци, Душан ја согледува потребата да научи да чита и пишува, за да го надомести загубеното од детството. Кога тоа бргу го совладува, од книгата веќе тешко се одделува. Окупацијата и влошувањето на животот на работниците само ја зацврстуваат неговата определба за борба против окупаторите. Кон крајот на 1941 година тој е член на МК на СКОЈ и со својата решителност и другарство мошне е ценет меѓу напредната младина. На 10 мај 1943 година, Душан е меѓу првите доброволци од Неготино што тргнале кон Вишешница за формирање на партизански одред. Како борец во одредот "Добри Даскалов", со партизанско име Малашев, Душан е храбар и решителен во сите акции и борби и неуморен во движењата. Во јуни 1943 година кај селото Никодин, е случајно пресретнат од бугарски полицајци кои го фаќаат и бараат од него да ги каже другарите кои се во шумата, но Душан не проговорува ништо. По долго измачување стрелан е во Дреновската Клисура. Згаснува еден млад живот, кој започнал да живее со својата неисцрпна енергија и желба за борба.