На денешен ден 10.05.1925 г. во Неготино е роден ЕФРЕМ РИСТОВ КУЛАКОВ. Татко му на Ефрем-Фемо, шивачот Ристо од Неготино заработувал толку колку да може сина си по завршувањето на основното училиште во Неготино да го испрати во Кавадарци да учи гимназија. Таму Фемо создава другари меѓу средношколците и учествува со нив во сите младински акции против окупаторот. Во исто време во Неготино е опфатен од МК на КПЈ, а во првата половина од 1942 година е примен за член на СКОЈ во гимназијата во Кавадарци. Како скојевец целосно се предава на младинското движење и набргу станува секретар на скојевската група во гимназијата. Фемо се истакнува во ширењето на вистината за окупаторите и со својата скромност и пристапност се здобива со симпатии кај младината. На 29 јули 1944 година со група од 43 активисти и симпатизери од Неготино заминува на Кожуф, каде што е распределен во Втората македонска НО ударна бригада. Неговата активност во Неготино и Кавадарци му е позната на штабот на Втората, а подоцна и на штабот на Десеттата бригада, така што е поставен за заменик политички комесар и партиски раководител на чета. Во борбите што ги води Х-та бригада, Фемо е храбар и примерен борец и раководите. Во септември 1944 година од составот на 23-от ловечки полк Германците формираат борбена група за напад на Кавадарци. Напредувањето на оваа група на 17 септември во реонот меѓу Марена и Кавадарци го запираат храбрите борци на Х-та бригада. Утрото на 18 септември 1944 година, германската борбена група извршува силен напад на позициите на бригадата, која откако храбро им се спротивставува е принудена да отстапи кон Моклишко. Во таа борба со надмоќниот непријтел Фемо е погоден од куршум и после неколку часа сосема ги затвара очите. Храбриот млад гимназијалец, партизански политички комесар и раководител падна во борбата за слобода храбро, како што гинеле храбро македонските херои. Денес детската градинка во Неготино го носи името “Фемо Кулаков“.