На 27.02.2019 година во 19.00 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино беа поставени 30 ликовни дела од самостојниот уметник Драган Најденовски од Битола и осум скулптури од Никола Смилков, скулптор, редовен професор на Факултет за образовни науки при Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип. И двајцата автори се учесници на повеќе групни и самостојни изложби во земјава и странство, учесници на меѓународни манифестации како и на ликовни колонии. Добитници се на повеќе награди и признанија. Изложбата на слики и скулптури беше отворена во изложбениот салон на Музеј на град Неготино, во прекрасна атмосфера збогатена со гостите од Битола и Штип, а посебно со музичките изведби на виолина и клавир од учениците Григориј Ризинов (виолина), Амелија Методиева (клавир) и Ива Јосифова (виолина) од ООМУ “Владимир Арсовски“ од Неготино, за што заслужено си добија и благодарници за музички придонес во реализација на ликовен настан од страна на Музеј на град Неготино! Изложбата ќе биде поставена во наредните десет дена!