“ГОЛЕМОТО СИНО“ е насловот на самостојната изложба на младата уметница, Валентина Илијевска, која се одржа на 25.07.2018 година во 20.00 часот во дворот на Општинската Установа Музеј на град Неготино. Оваа самостојна изложба на минијатури е продолжение на приказната започната во 2013 година со мини-артури. Минијатурите се поставени како бедемски страни кои го штитат дводимензионалниот досега син квадрат кој провејува низ целокупното творештво на Валентина. Сега, овој квадрат е поставен тродимензионално, оправдувајќи го постоењето покрај со метафизичкиот свет, сега и со својата објективност. Изложбата содржи 28 минијатури поставени на седум постаменти кои ги симболизираат седумте светски чуда. Станува збор за корпус од дела поставени на седум пункта, тематски и стилски поврзани со еден концепт којшто во себе вклучува цртеж, објект и просторна интервенција.... Валентина Илијевска е родена во Скопје 25.07.1987 година, живее и твори на релација Скопје-Куманово. Има завршено средно образование при ДСУПУ “Лазар Личеноски“-Скопје, 2010 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ)-Скопје, оддел графика и графички техники во класата на проф. Мирко Вујисиќ со насока конзервација и реставрација со проф. Невенка Величковска и Момчило Трајковски. 2014 година се здобива со звање Магистар по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство во класа на проф.м-р. Благоја Кузмановски. Учествува на голем број групни изложби во државата и странство, колонии од регионален и интернационален карактер. Има одржано и неколку самостојни изложби во државата.Учествува на многубројни самостојни, меѓународни групни изложби и ликовни колонии во периодот од 2009 - 2018 година.