“СРЕДНОВЕКОВЕН НАКИТ ОД ТИКВЕШ“
17 Ноември 2023 година (петок)
13:00 часот
Изложбен салон на
Музеј на град Неготино
Партнери на изложбата се:
ЈНУ Институт за старословенска култура-Прилеп,
ОУ Дом на култура “Мирка Гинова“ Демир Капија,
НУ Археолошки музеј на РС Македонија.
Изложбата содржи 150 музејски предмети за кои има легенди и 23 постери на кои се опишани почетоците и развојот на археолошките истражувања на средновековните археолошки локалитети од општина Неготино и општина Демир Капија и значењето и формите на накитот. Чиста, концизна и јасна изложба пристапна за секој посетител.
Креативно изработени ѓердани, белегзии, обетки, прстени се дел од изложбата „Средновековен накит од Тиквеш“, што денеска беше отворена во Музеј на град Неготино.
Директорката на културната установа Драгица Чекорова рече дека чест и гордост и претставува што во изложбата и каталогот за неа се претставени најдобрите средновековни музејски предмети од нашата земја. Проектот се реализира од оваа културна институција, заедно со партнерите Јавна национална установа Институт за старословенска култура од Прилеп, Домот на култура „Мирка Гинова“ од Демир Капија и Археолошкиот музеј на Македонија.
Чекорова пред љубителите на културното наследство рече дека проучувањето на историски теми од нашето подалечно и поблиско минато отсекогаш било предизвик за секој археолог, кој што е вљубеник во историјата на своето поднебје, особено проучувањето на настаните, условите, предметите кои се сведоци за едно време далечно, но и блиско до денес.
- Далечно само на хартија, а блиско бидејќи предметите се пред нас, во овој музеј, кои не пренесуваат во средновековието. Преку презентираните атрактивни приврзоци, висулци, карактеристични за средновековната култура, осознаваме за технолошката обработка, продукцијата и уметничкиот израз на популациите кои егзиситирале на просторот на средното Повардарие. Уметничката експресија на јувелирската техника во средновековието, е изразена преку ѓерданите, белегзиите, обетките, прстените, амулетите вешто декорирани и изработени од бронза, сребро, мониста, стакло, додаде Чекорова.
Таа нагласи дека сите овие експонати говорат за големата продукција, совршената обработка, силниот уметнички темперамент на генерациите мајстори кои ја вложувале целата своја вештина и талент.
- А особено ми е чест и задоволство што сум дел од тимот од Музеј на град Неготино, во периодот на реализацијата на изложбата и излегувањето на каталогот од печат. Воедно упатувам голема благодарност до стручниот тим за идејата, упорната и макотрпна работа за реализација на изложбата, додаде Чекорова.
Авторот на изложбата Костадинка Филипова рече дека станува збор за значајно културно наследство и проект од национален интерес.
Доктор Орданче Петров, стручен соработник и уредник на изложбата, исто така нагласи дека му е чест и задоволство поради оваа изложба.
- Оваа изложба се роди како идеја да се прикаже големиот и значаен фундус на археолошки наоди што во текот на изминатите децении е откриен на просторот на Тиквешијата, со посебен на акцент на Повардарието. Овој простор којшто во географска смисла е омеѓен со Велешката клисура на север и Демиркаписката на југ и во кој доминира кривулестиот Вардар, претставува археолошка ризница што со децении ги привлекувала, ги привлекува и со сигурност може да кажеме ќе ги привлекува идните истражувачите на археолошкото наследство. Стотици археолошки локалитети се распослани по брегот на реката од двете страни, од кои пак на дваесетина од нив, по пат на теренски проспекции или археолошки ископувања откриени се средновековни стратуми, рече Петров.
Тој нагласи дека изложбата овие откритија ги става на увид пред јавноста во форма на една прегледна и возбудлива експозиција.
Пред присутните се обрати и доктор Александар Василески, директор на НУ Институт за старословенска култура Прилеп.
- Голема чест за мене е тоа што уште одамна од Институтот за старословенска култура - Прилеп било препознато големото значење на овој регион за средновековната историја на македонскиот народ, што е потврдено со археолошките истражувања кои ги спроведувала нашата институција пред повеќе децении. Ваквиот научен интерес продолжува и уште повеќе се интензивира до денес преку истражувањата на локалитетите Црквиште кај Корешница и Кале Стрезов Град кај Челевец, од кои потекнуваат значителен број од тука изложените експонати, нагласи Василески.
Неготинскиот градоначалник Горан Стојанов рече дека на изложбата се претставени археолошките откритија од петнаесетина археолошки локалитети лоцирани по течението на реката Вардар во Тиквешкате котлина. Тој додаде дека овие локалитети внимателно и систематски се истражувани од голем број на македонски археолози од бројни институции и публикувани во бројни стручни и научни трудови.
- Со што македонското археолошко наследство, а особено културното наследство на Општина Неготино и останатите општини во Тиквешијата, е достојно презентирано и популаризирано пред пошироката јавност. Со повеќето исклучителни наоѓалишта, нашата археологија била благословена што е во можност на овој начин да ѕирне во животот, обичаите, верувањата, културата, дури и најдлабоките чувства на луѓето од овој простор, во периодот од 10 до 16 век, нагласи Стојанов.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, Општина Неготино и компанијата „Дуки Дасо“.
На изложбата што ќе трае до крајот на јануари наредната година, може да се видат повеќе од 150 наоди средновековен накит изработен од сребро, бронза, стаклена паста, во разни занаетчиски техники на филигран, гранулација, исковување во матрица, со посребрување, позлатување и слично. На настанот беше кажано дека овие наоди се внимателно и во детали, обработени и систематизирани во каталогот од изложбата, која ќе остане траен белег во времето, исто како и самите музејски експонати.
Изложбата “Средновековен накит од Тиквеш“ финансиски е поддржана од:
Министерството за култура, Општина Неготино и компанијата ДУКИ ДАСО од Неготино.