Во рамки на културно лето "НЕГОТИНО 2023" во Музеј на град Неготино на 27.07.2023 година беше отворена изложба на слики, графики, скулптури од реномирани ликовни уметници од Велес
Станува збор за четворица еминентни ликовни уметници од Велес, Живко Пренџов, Спасе Перовски, Александар Јовановски-Мијак и Илко Стојановски. Тие творат во различни ликовни правци, препознатливи по своето творештво. Нивна заедничка компонента е што се целосно вклучени во модерната ликовна клима, и преку заедничката изложба ни даваат можност за едно ретко ликовно доживување. Изложбата во својата концепција има за цел да ја презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите, сликарите Живко Пренџов, Александар Јовановски Мијак и Спасе Перовски кои работат сликарски и графички техники, како и единствениот скулптор меѓу авторите, Илко Стојановски, автори кои преку својата активност веќе се препознатливи и пошироко во регионот на меѓународен план, кои преку своите изложби и учества на бројни колонии, во земјава и надвор од земјава, ја промовираат македонската ликовна култура.
Свое поздравно обраќање имаше Живко Пренџов, а изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов, кој рече дека изложбата е дел од спортско-културното лето ,,Неготино 2023", во соработка со Музеј на град Неготино и Народен Музеј - Велес.