На ден 23.05.2023 година во изложбен салон на Музеј на град Неготино е отворена изложба на Владимир Георгиевски.
ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ е еден од најзначајните македонски уметници. Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство.
Роден во Скопје, на 1 јуни 1942. Во 1963 матурирал во Училиштето за применета уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето одБелград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади „25 мај“).
Меѓу 1980 и 2012 беше професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990тите, предаваше и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Беше професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.
Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови.
Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар.
Негово дело, портрет на Ф.М. Достоевски, релјеф, е поставено во Музејот на Ф.М. Достоевски во Санкт Петербург во ноември 2012.
Почина во родниот град, на 25 мај 2017.
Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа.
Музеј на град Неготино е дел од Музеум линк (Museumlink) во чија организација е оваа изложба.
Организатори на проектот и куратори се Јасминка Намичева – кустос советник архитект во Музеј на град Скопје и
Фросина Георгиевска - сопственик на уметничката колекција Георгиевски, кои што имаа свое излагање за изложбата!