Златниот антички наод од с. Тремник, Неготино претставен преку фотографии беше тема на изложбата која беше отворена во петокот на 05.05.2023 г. во изложбениот простор на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница. Изложбата која е проект на Општинската установа музеј на град Неготино е во организација на Музеј „Теракота“- Виница. Со оваа соработка меѓу двата музеи, ретроспективно веднаш се гледа со колкаво археолошко богатство изобилува нашата земја. Ваквите изложби откриваат информации и сознанија на нас современите луѓе, на кој степен биле нашите предци како културно- социолошко постоење и цивилизациско доминирање во периодот на античкото време. Тоа е временско огледало кое го потврдува уметничкиот квалитет и можностите на тогашните мајстори. Во светот на накитот и монетите од тоа време се открива еден цивилизациски голем свет на доминација и светска убавина.
Изложбата беше отворена од страна на Драгица Чекоровска - директор на ОУ музеј на град Неготино која е автор на изложбата и Сара Даневска - директор на Музеј „Теракота“ - Виница.
Отворањето на изложбата беше проследено со изведбата на две прекрасни пијано композиции во изведба на Софија Ивановски и Миа Станоевска од музичкиот центар Моцартино.