Самостојна изложба “СПАСИТЕЛОТ“ на ликовниот уметник НОВИЦА ТРАЈКОВСКИ одржана во Музеј на град Неготино на 22.03.2023 година.
Новица Трајковски е роден 1962 година во општина Илинден. Својата едукација ја започнува во Средното уметничко училиште во Скопје, “Лазар Личеноски“, и продолжува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, ФЛУ, на отсек - сликарство во класата на професорите: Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Член е на ДЛУМ. Досега има реализирано над 50-тина самостојни изложби во земјава и странство, како и учество на многу групни изложби, ликовни колонии и проекти од државен и меѓународен карактер.
Ликовниот уметник Новица Трајковски се претставува пред пошироката публика во Неготино со циклус на 22 слики создадени во последните неколку години од неговото творештво изработени во техника масло на платно и акрил на платно со теми од магичното и мистериозното.
Свое излагање и видување за изложбата и уметникот Новица Трајковски, имаше и Даниела Спасовска, сопственик на ликовна галерија “Далерија“ од Скопје, која кажа дека гледајќи ги сликите на Новица, можеме да доживееме и болка и лекување, позитивно вибрирање, еуфорија, едноставно да доживееме просветлување и исцелување...
Настанот, како спој на две уметности, ликовна и музичка, беше збогатен со прекрасните изведби на:Емилија Ангелова-пијано, “Зимски радости“ од Бастиен, Ива Ефтимова-виолина, “Шиндлерова листа“ од Џон Вилијамс, Ана Димова-виолина, “Мал виенски марш“ од Крајслер, ученички од ООМУ“Владимир Арсовски“ од Неготино!