По повод празникот ИЛИНДЕН и христијанскиот празник Св.Илија, во Изложбениот салон на Музеј на град Неготино, изложени се 40 икони кои потекнуваат од 19 век, од црквата “Св.Илија“ од с.Вешје, поточно насликани од 1879 година, најверојатно од Петре Пачаров, ученик на Дичо Зограф, кој овој период творел на територијата во Тиквешијата. Инаку црквата “Св.Илија“ во с.Вешје повеќе од 15 години е разрушена, иконите беа во несоодветни услови, и од тие причини во 2019 година вработените од Музеј на град Неготино, направија напори овие икони да се донесат во музејот со претходен Договор за чување, потпишан помеѓу Повардарската Епархија и Музеј на град Неготино, со цел заштита од понатамошно уништување на иконите. Иконите ќе бидат поставени во изложбениот салон пред пошироката јавност до септември 2021 година. Изложбата е поддржана од страна на Министерството за култура како проект од национален интерес за 2021 година.