Археолошките ископувања од меѓународниот проект за археолошки истражувања започнат 2009 година, на локалитетот "Градиште- Антигонеа"- Неготино, започнаа од 18.06.2018 г., се во тек и ќе траат до 15.07.2018 година. Ископувањата се реализираат од страна на НУ Археолошки Музеј на Македонија во соработка со Општинската установа Музеј На Град Неготино, Универзитетот Гдањск од Полска (University of Gdansk, Poland), каде што раководители на истражувањата се: Перо Арџанлиев, м-р по археологија од НУ Археолошки Музеј на Македонија и Николас Секунда, проф.д-р по медитеранска археологија од Универзитетот Гдањск од Гдањск, Полска (prof.dr hab Nicholas Sekunda), членови на стручниот тим на истражувањата се: Мила Шурбановска, археолог кустос советник од НУ Археолошки Музеј на Македонија, Роберт Петковски, д-р по археологија, кустос советник од НУ Археолошки Музеј на Македонија, Костадинка Филипова, археолог кустос од ОУ Музеј на град Неготино, Елена Каранфиловска, археолог кустос од НУ Археолошки Музеј на Македонија и студенти од Универзитетот Гдањск од Гдањск, Полска! Археолошкиот локалитет "Градиште-Антигонеа" се претпоставува дека постоел од VIII век п.н.е., па се до доцноримскиот период, односно 3 век од наша ера. Од досегашните археолошки истражувања на овој локалитет се пронајдени голем број на археолошки наоди, претежно од керамика, метал и стакло кои што се наоѓаат во изложбените витрини и во депото на Општинската установа Музеј на град Неготино-Неготино. Станува збор за керамички садови од кои поголемиот број може да се реконструираат. Поголемиот дел од керамиката е локална изработка, а еден дел е импортиран од Мегара. Во горните слоеви има големо количество на фрагментирана римска керамика (terra sigillata), од кој еден дел е со локално потекло а друг дел е импорт, теракотни фигурини со претстави на Кибела, хеленистичка локална и импортирана керамика и кујнска керамика, потоа метален накит, орудија и оружје, стаклени предмети и др. На локалитетот при истражувањата се пронајдени и монети од римскиот период од кои дел се конзервирани и заштитени. Во секој случај локалитетот "Градиште-Антигонеа" -Неготино, претставува комплексен археолошки локалитет кој поради сложеноста, допрва треба да се истражува!