НА ДЕНЕШЕН ДЕН 23 март 1923 година во Неготино е роден АЛЕКСАНДАР ВАНОВ ДОНОВ-КОЖИНКАТА. Татко му Вано-ѕидарот, тешко врзува крај со крај за да ги прехрани своите седум деца. Ѕидал плевни и куќи. Едно од седумте деца, Александар-Цандо, бил понежен со здравјето и по завршувањето на основното училиште, татко му го учи да работи како бавчанџија. Така Цандо уште млад го почувствува тешкиот живот во општеството. Почнува да се дружи со напредни младинци и како младинец е примен за член на СКОЈ, каде е наполно определен за борба против окупаторите. На една веселба во 1942 година, окружен од свои другари младинци, се нафрлува на двајца шумари кои пред тоа в шума му ги зеле дрвата и секирата и настанува тепачка. Оттогаш тој со себе носи пиштол, за да му се најде при рака кога ќе му затреба. Во почетокот на 1943 година заминува во одредот "Добри Дсскалов" на Вишешница. Тој храбро ги поднесува сите тешкотии што ги преживува движејќи се со одредот и водејќи борба со окупаторските воени сили. Во јуни 1943 година кај с.Дрен, Прилепско, започнува силна офанзивна борба каде Цандо е погоден од куршуми и паѓа мртов на земја на 15 јуни 1943 г. Кога го носат во Неготино, сестра му на Цандо, доаѓа од нивата каде прашела тутун и запеала песна за борбата на македонскиот народ. Во семејството на Цандо и кај сите неготинци се чува споменот за младиот и храбар борец за слобода Цандо - Кожинката.