НА ДЕНЕШЕН ДЕН 15.03.1919 година во Неготино, е роден АЛЕКСАНДАР АЏИ ИЛОВ - ЕЛИСИЕ, третото дете на Илија и Роска од Неготино. Завршувајќи го основното училиште со одличен успех, изразува желба да го продолжи школувањето и во тоа домашните сосема го подржуваат. На еден конкурс тој е примен во средното земјоделско училиште во Сремска Каменица. Таму учи само една година, но останува без средства за живеачка па го прекратува школувањето и се враќа во Неготино во дуќанот на столарскиот занает на брата си, Димко. За време на нападот на Германците на Кралство Југославија, Ацо се наоѓа на отслужување на воениот рок на кралската гарда во Белград. Во борбата за одбрана на Белград, тој е заробен од Германците и по два месеца заробеништво преку Романија се враќа во Неготино. Читајќи постојано книги и весници во читалната, движејќи се секогаш со весник во рака, Ацо е добро информиран за настаните по фронотовите, а за тоа ги информира и своите другари. Познат бил по раскажувањето на сатиричните приказни и настани што редовно ги читал во една постојана рубрика во весникот “Политика“, под наслов “Елисие сее и жито жнее“. Така и го добива називот - Елисие. Движејќи се постојано со својот комшија и другар Илија Јанакиев, стапува во контакт со Лазар Мојсов. Во април 1943 година активно учествува во подготовките за организирање партизански одред во Тиквешко, пренесувајќи оружје и друга воена опрема за одредот. Во една прошетка со Манчо Малиминов, кога Манчо однедадеж паѓа заради болки во стомакот, Ацо го придржува и го зема писмото што требало Манчо да му го предаде на секретарот на МК во Неготино. Кон крајот на мај 1943 година, заедно со неколку свои другари, Ацо брза кон партизанскиот одред “Добри Даскалов“, каде со пушка в рака е решен да се бори за слобода и да даде свој придонес во борбата против окупаторот. Но, кај местото Фариш, каде Ацо со десетината другари е претходница на Одредот, во темницата се истура силен пукот од пушки, бомби и пушкомитралези. Окупаторот отвара силен оган и тргнува на јуриш за да се пробијат, го заробуваат Ацо и кога сфаќаат дека во рацете имаат партизан, го носат во Дреновската Клисура и на 10.06.1943 година, го стрелаат. Елисие од Неготино, остана доследен во борбата за слобода, давајќи го најскапото - својот живот! Во негова чест и долго паметење во Неготино една од главните улици во центарот на градот е именувана според неговото име Ацо Аџи-Илов!