Ангелот од Курбиново во Неготино!!! Отворена е изложбата на фотографии на фрески „Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново - ремек-дело на византиската уметност во Македонија“. Општинската установа Музеј на град Неготино во соработка со Здружението за валоризација и промоција на културното наследство МАКЕДОНИДА - Скопје, Институтот за старословенска култура од Прилеп и ЗГ Менелај од Прилеп, ја поставија изложбата на фотографии на фрески од “Црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново - ремек дело на византиската уметност во Македонија“, во изложбениот салон на ОУ Музеј на град Неготино. Фотографиите се направени пролетта 2016 година од страна на студентите од Универзитетот Џорџ Август од Гетинген, Р. Германија, во рамки на проектот “Македонски фрески - Маско 360“. Изложбата ја отвори м-р Александар Василевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп. Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново е подигната во доцниот 12-ти век и претставува еден од најзагадочните споменици на византиското културно наследство, не само во Македонија, туку и на Балканот, воопшто. Позади скромната надворешност и архитектура кои не навестуваат естетски раскош, во нејзината внатрешност се крие токму спротивното. Фрескоживописот во оваа мала црква од преспанското село Курбиново, чие создавање започнало во април 1191, ги отсликува најпрефинетите и највозвишените дострели на византиската сакрална уметност. Појавата на едно вакво сликарство, врз ѕидовите на една архитектонски скромна црквичка, сеуште ги крие причините за своето постоење пред љубопитните истражувачи. Преку фотографската изложба, ќе им се овозможи на љубителите на ликовната естетика одблизу да се запознаат со мистичната убавина на иконографскиот репертоар на бисерот на византиското наследство во Македонија. Изложбата ќе биде отворена до 20.12.2018 година