Етнолошката поставка е сконцентрирана на површина од околу 200 м2 во ОУ Музеј на град Неготино и ја претставува материјалната и духовната култура на населбите во Општина Неготино и градот Неготино, преку многубројни народни носии, предмети кои се користеле во домаќинството и земјоделската култура застапена во овој регион. Во оваа поставка се изложени предмети кои датираат од почетокот на 18 век па се до крајот на 20 век.

Предметите се изработени од метал, дрво, керамика, текстил и стакло. Изложени се околу 220 предмети и поставката содржи разни ѓумови, тепсии, тави, котли, макази, инки, саан, маслари, пирустија, дрмоњ, решето и други метални предмети кои служеле за конзумирње, чување и готвење на храна во нив, како и пегла на жар, ќумбе, срп, сор, сафи, бералка за афион, режалка за афион и др. Овие предмети се употребувале во домаќинставата и во извршување на земјоделските работи. Од предметите изработени од дрво изложени се: бутим, букар, софра, триножно столче, крлак, р‘жање, вител, гребла, каче, каленици, танор-штица за леб, соларник, буриња, каци, матарка, ковчег, фурка, токмак, самар, пиралка (лопатка), плетена кошница, роден, вретена, крлак, лејка и др. Предметите служеле во домаќинствата и тоа за готвење и чување на храна, за конзумирање и чување на разни пијалоци, за млеко и млечни производи, за месење и печење на леб, за чување на зимница и др. како и предмети кои се употребувале во домаќинставта и земјоделските работи.

Керамичките предмети кои што се изложени во етнолошката поставка главно се користеле како покуќнински предмети. Во нив чувале вода, вино, млеко, урда, туршија, маст, џимиринки, и др. Во оваа група спаѓаат: стомни, бардаци, грниња, врчви и подница.

Традиционалната женска народна носија, накитот заедно со традиционалната текстилна покуќнина како ќилими, перници, торби и сл., се исто така изложени во поставката. Етнолошките предмети кои се изложени во поставката се со потекло од неготинскиот регион од селата: Тимјаник, Криволака, Црвени Брегови, Бистренци, Војшанци, Долни Дисан, Горни Дисан, Вешје како и од градот Неготино. Предметите се набавени по пат на истражување, подарок или набавени од напуштени куќи. Истите се сопственост на ОУ Музеј на град Неготино.