Во археолошката постојана изложба се изложени артефакти кои што се пронајдени од археолошките ископувања од локалитети што се наоѓаат на територијата на општина Неготино. Археолошките предмети што се изложени во постојаната археолошка поставка се групирани, претставени по хронологија и го опфаќаат предисторискот период, античкиот и средновековниот период. Од изложените археолошки предмети посебно се издвојуваат предметите изработени од керамика кои се истакнуваат по формите (разни чинии, бокали, грниња, кантаровидни садови, питоси), начинот на украсување со сликање, врежување и сл., како и разновидните антропоморфни и зооморфни претстави во форма на фигурини.

Во оваа група на предмети се издвојуваат локално изработуваните садови кои биле работени по примерот на познатите керамички центри кои ја диктирале модата, но не изостанувааат ниту импортираните садови. Дел од стандардното оружје и орудија кои што се изработени од железо, претставени се во постојаната археолошка поставка. Накиотот претставен во витрините на археолошката поставка е од женски погребувања и е поделен во неколку категории: накит за глава – обетки, дијадеми; накит за врат и раце: ѓердани, фибули, белегзии, прстени; накит за појас: токи и копчиња изработени од бронза, коска, стаклена паста и сребро.Во текот на своето работење ОУ Музеј на град Неготино има валоризирано збирка на ликовни дела, а во наредниот период музејот ќе продолжи со ваквата активност на организирање на ликовни изложби и со збогатување на збирката на ликовни дела од реномирани уметници преку откуп на истите.