Движното добро “Музејска збирка камена пластика“ од ОУ Музеј на град Неготино – Неготино, е составена од 140 примероци на археолошки предмети кои датираат од II век п.н.е. до VI век н.е., собрано со реализација на повеќегодишниот проект “Прибирање камена пластика“, при што предметите се наоѓани како случајни наоди откриени од населението при обработка на земјоделски површини и пријавени во музејот, како и пронаоѓани при археолошки истражувања на одредени локалитети во општината. Во збирката се застапени предмети од античкиот период и епиграфски споменици како дел од архитектонската декоративна пластика и дел се изложени и сместени во Лапидариумот на ОУ Музеј на град Неготино. Во Лапидариумот се изложени бази, столбови, капители, импост капители, фрагменти од архитравни греди, фрагменти од тимпанони, сепулкрални ари, саркофаг-осуариј, заветни плочи и култни предмети – ари жртвеници. Тие се разликуваат меѓу себе според нивната хронолошка и културна припадност, функција, материјал, форма како и начин на користење.

Опишуваат повеќе сегменти од секојдневното живеење на популациите населени на подрачјето на денешната општина, презентирајќи го развојот на духовната и материјалната култура изнесено преку интересните претстави за верувањата и обичаите, уметничките разбирања, за трговските и културните врски и слично. Посебно се издвојуваат по своето значење епиграфските споменици – надгробни стели, кои се дел од збирката и се со приватен карактер, бидејќи содржат натписно поле во кое во епитафите пишувани на страогрчки јазик се споменуваат имињата на починатите на кои им се упатени, како и имињата на дедиканти, кои ги подигнале. На стелите се присутни и прастари симболи – астрални и лунарни, кои имаат функција на продолжување на пораката на задгробен живот која е карактеристична за овој регион.

Лапидариумот кој е дел од музејската збирка камена пластика, поседува еден обликовен збир на податоци и сознанија со што има информативна, воспитно образовна, културна и научна функција. Со презентираните предмети во археолошката поставка заедно со Лапидариумот во дворот на ОУ Музеј на град Неготино се претставува животот на населението од предисторијата преку антиката до средновековието кое што предизвикува голема заинтересираност и љубопитност кај посетителите.